Како до полесна транзиција на детето од родителска во сопствена (детска) соба?

Транзицијата на едно детенце од родителската во сопствена детска соба може да биде предизвик за сите, но најголем за детето и затоа треба да се направи со огромно внимание и трпение. 

Ние се одлучивме на тој чекор во период кога очекуваме нов член на семејството. Одлуката ја донесовме не само поради тоа што просторот во нашата сплана соба во кој досега беше креветот на Лео треба да се ослободи за бебешко креветче, туку и поради тоа што Лео е веќе поголем и забележавме кај него одредена зрелост и подготвеност за да спие сам во сопствена соба. Да не покажуваше такви знаци, сигурна сум дека немаше да форсираме префрлање во сопствена соба. 

Како ние го подготвивме Лео за тој чекор?

1. Разговор: многу е важно отворено да се разговара со детето и да му се најави дека наскоро ќе спие во својата соба, посебно ако се работи за поголемо дете кое веќе целосно разбира што се случува. Преку разговорот може да забележите дали детето е среќно и возбудено поради таа промена или покажува знаци на страв и несигурност. Доколку постојат знаци на несигурност треба да пристапите со нежност и да му дадете до знаење дека не го напуштате (реакција која често може да се појави кај децата при големи промени) и да го уверите дека вие секогаш ќе бидете тука за него. 

Нешто што функционира за нас е дека ако се разбуди на сред ноќ и има потреба од мама и тато, да не доаѓа во нашата соба туку да не викне и ние ќе дојдеме кај него. Имаме ноќна светилка во ходникот и вратите од двете соби се отворени, па така ако не повика на сред ноќ, веднаш еден од нас оди кај него за да му обезбеди сигурност дека сме тука и потоа веднаш си продолжува со спиење. 

2. Вклучете го детето во процесот на уредување на собата: кога почнавме да ја подготвуваме собата за додавање на голем кревет, мораше да направиме одредени измени, бидејќи до тој момент собата се користеше само за игра и јас го користев бирото за работа бидејќи работам од дома. Меѓутоа кога решивме Лео да почне да спие таму, мораше да направиме измени за да има место за креветот, а исто така и додадовме некои декорации кои претходно ги немаше, како завеса и постелнина со еден од неговите омилени суперхерои. Па така собата од пастелна нежност се претвори во една неверојатна експлозија на бои и дезени – токму така како што си ја замислуваше тој.

Иако јас сум љубител на понежни бои, како жолтата која преовладуваше во собата, сепак на прво место секогаш треба да дојдат желбите на детето за на него да му биде полесна транзицијата. Секое детенце повеќе ќе ужива во својата соба доколку е вклучено во процесот на уредување и избор на работи и играчки што го прават среќно. Па така, кога уредувавме, со Лео заедно ја избравме завесата за прозорците и постелнината, а мини-бирото со Спајдермен во куќичката му беа подароци од бабите и дедовците.

После два месеци, можам да кажам дека транзицијата од родителска во детска соба за нас беше успешна и дека Лео уште од првата ноќ спие во сопствената соба. Тука морам да нагласам дека Лео има 4 години и дека за нас ова беше идеална возраст за овој чекор. Секако, како и секое дете, знае да се исплаши понекогаш и да не повика, меѓутоа тоа е се дел од процесот на растење, а јас сум многу горда на него што сето тоа го помина лесно бидејќи знае дека е опкружен со љубов и внимание. ✨🤍

Се надевам дека овој текст ви беше од помош и дека нашето искуство ќе ви биде од коирст кога вие ќе се одлучите на овој чекор со вашето детенце или дечиња. ✨

Неколку фотографии од тоа како се менуваше собата низ годините:

Shopping Cart
Scroll to Top