Совети за безбеден одмор со мали деца

Време на летни одмори, а тоа значи повисоки температури кои носат и намален фокус, но и време кога треба да размислуваме за безбедноста на децата додека летуваме.

Скоро секојдневно слушаме на вести за случаи на изгубени деца во популарни места за летување во соседните земји и тоа делува застрашувачки и вознемирувачки кај секого. Тоа што ние како родители може да го направиме е да се потрудиме максимално да обезбедиме заштита на нашите деца. Заштита на детето со помош на технологијата или преку користење на уреди кои ви помагаат да може да ја следите локацијата на детето во секое време, посебно ако се работи за помали деца. И пред да дојдат коментарите дека родителите треба да ги гледаат и да внимаваат на децата, а не да се потпираат на технологија и уреди, важно е да се напомене дека нема апсолутно никаква штета во дополнителна заштита! Се што може да направиме за да се осигураме во безбедноста на нашите деца е добредојдено, посебно со помош на технологијата.

Во овој текст ќе зборувам за начините и уредите кои може да ги користиме за да обезбедиме поголема заштита на нашите деца и поголем мир за нас како родители. 

Доколку имате помали деца и сакате да се осигурате во нивната локација додека сте излезени во поголема гужва или на одмор, добра опција e AirTag за корисници на iPhone или Smart Tag од Самсунг (за корисници на Андроид). Иако Apple советува против користење на AirTag за следење на луѓе, поради етички причини, сепак многу родители ширум светот го користат AirTag токму за оваа намена. Бидејќи, да бидеме реални: кога се работи за заштита на сопственото дете етиката лета низ прозор.

Во Македонија AirTag може да купите на повеке локации: iStyle, Anhoch, Ledikom, Mobelix и Сетек се само дел од продавниците во кои е овој уред достапен. Се продава поединечно или во пакуванье од 4. Цената на еден уред е околу 2000 денари.

Кликнете ТУКА  за да ги видите сите продавници во кои се продава уредот.

Минатата година пред да одиме на одмор, јас одлучив да го купам уредот AirTag за моето дете. Бидејќи моето дете е веќе поголемо решивме на летен одмор да не носиме количка, а местото во кое вообичаено летуваме е доста фреквентно и има многу гужва и често имало изгубени деца токму поради гужвите. Од таа причина одлучив да го набавам овој уред кој го купив од Анхоч и држачот во форма на белегзија или рачен часовник кој го нарачав од Али Експрес (за смешна цена од 2 долари) за да може да се чувствуваме сигурно и безбедно. Оттогаш редовно го користиме на секое патување или излегување во поголема гужва.

И држачите за AirTag се продаваат и во Сетек, меѓутоа тие се во форма на привезок, што исто така може да врши работа ако се стави на ранец. На Амазон има и држачи за AirTag кои се ставаат во влошката на чевлите и тие се исто така добра опција кога се работи за помали дечиња.

Движењето на детето може да го пратите постојано преку апликацијата FindMy преку вашиот смартфон. Исто така, уредот може да го споделите и со други луѓе кои ќе имаат дозвола да го следат и да добиваат нотификации доколку истиот повеќе не е во ваша близина. Може да видите како тоа изгледа на следните фотографии.

Подетално упатство за корисници на iPhone ТУКА.
Подетално упатство за корисници на Андроид смартфони ТУКА.

Доколку имате поголеми деца кои веќе користат смартфон или пак можеби сакате да имате заштита и за себеси, еден од начините да се заштитите себеси е ако ја споделувате вашата локациіа со личност коа ja сметате за апсолутно најблиска или со членови на вашето потесно семејство.

Тоа може да го направите преку Google Maps -> Options -> Location Sharing. Во сетинзите на смартфонот мора да одобрите Location Sharing. Во подесувања одбирате со која личност сакате да ја споделувате вашата локациіа, односно внесувате email адреса од личноста и имате опција да одберете дали сакате постојано да jа споделувате вашата локација или само на одреден период. На истиот начин може да ja следите и локацијата на вашите деца, доколку се поголеми и користат смартфон.

Тука често се поставува прашање за етичност на оваа постапка, меѓутоа доколку има согласност од сите инволвирани не претставува проблем. Затоа, важно е на децата да им објаснете дека тоа го правите за нивна заштита, а не за да им ja нарушите приватноста и дека нема постојано да ја проверувате нивната локација, туку тоа е за во случај на опасност или ако не можете да ги добиете.

Од останатите мерки кои може да ги превезмете за заштита на вашите деца е постојана и отворена комуникација за се со вас како родител и запознаеност на детето со опасностите на интернетот; зошто е важно родителот да е запознаен за активностите на детето на интернет, односно да овозможите parental control на browser и останатите апликации кои ги користи детето.

Бидејќи во денешно време сите се трудиме да практикуваме свесно родителство, нема ништо посвесно од тоа децата да ги заштитиме, посебно на интернет и да го намалиме нивниот дигитален траг.

Што значи тоа?

  • Доколку профилите ви се јавни, не споделувајте фотографии од вашите деца на кои им се гледа лицето после 1 годишна возраст;
  • Не споделувајте реална локација на вашето дете на стори;
  • Не споделувајте локација и име на градинката или училиштето кое вашето дете го посетува;
  • Не споделувајте фотографии кои се направени пред градинката или училиштето кое вашето дете го посетува;
  • Потсетете ги луѓето во вашиот живот дека не смеат да споделуваат слики од вашите деца, нивна локација или која градинка и училиште ги посетуваат;
  • И можеби најважно од се: никогаш не споделувајте фотографии со означена локација во реално време, односно додека се наоѓате на местото.

Дури и да имате приватни профили и одлучите да споделувате фотографии од вашите деца, правете го тоа со селектирана база на следбеници, луѓе кои ги знаете лично или сте имале контакт и имате доверба во нив.

Во секоі случај, дури и да мислите дека го познавате некого или таа личност ви е од блискиот круг, доколку од таа личност добивате лошо чувство кога се во близина на вашите деца, најдобро што може да направите е да не ги оставате децата сами во присуство на конкретната личност, а евентуално и да прекинете секаков контакт.

И на крај, секогаш, СЕКОГАШ разговарајте со децата за СЕ!

Децата МОРА да знаат дека пред родителите се НЕМА тајни, дека мора да кажат за се што им се случува, добро или лошо за да може навреме да се реагира.

Се надевам дека овие совети ќе ви бидат од помош и дека ќе ги применете во вашиот секојдневен живот или пред да одите на патување.

Shopping Cart
Scroll to Top