Витези и змејови – тематска забава за мекици/роденден

Одамна не сум напишала објава тука на сајтот, па редно време беше за нова.

Неодамна нашето семејство се збогати со еден нов член, го добивме синчето Томас, па во негова чест организиравме мекици и повојница во едно за сите наши роднини и пријатели. Уште пред да се роди Томас со сопругот одлучивме мекиците да ги организираме малку подоцна наместо на денот на неговото раѓање, бидејќи со првото синче целиот тој хаос и возбуда резултираше во не толку добра организација. Плус сакав и јас да бидам присутна делумно и да учествувам во организацијата и во забавата, иако знам дека е невообичаено мајката да присуствува на мекици, јас сакав да бидам дел од тоа и затоа ги организиравме малку подоцна. Не останав долго, бидејќи сакав да се вратам дома кај Томас (тој не беше присутен на забавата, ниту во куќата каде што беше забавата, бидејќи одлучивме да не примаме посетители кај нас дома), меѓутоа многу ми значеше што може да учествувам барем малце и што целото планирање кое траеше скоро еден месец ми се исполна точно така како што замислив.

Мајките навистина се чувари на спомените.

Вообичаено мекиците се една голема забава наменета за возрасните, проследена со музика и лумпување, меѓутоа ниту јас ниту сопругот не сме таков тип на луѓе, па затоа забавата која ја испланиравме беше навистина одмерена, навистина софистицирана и пред се соодветна за дечиња. Всушност самото планирање на мекиците ми беа секогаш со децата на ум, посебно затоа што Лео е поголем и знаевме дека ќе сака да има и негови другарчиња присутни на прославата за раѓањето на неговото братче.

Тоа што го испланиравме беше една фина и културна дружба за возрасните, а голема и гласна детска забава за дечињата во нашиот двор, преку ден.

Уште пред неколку месеци на Инстаграм го пронајдов профилот на @zamok.mk и веднаш знаев дека ќе мора да го имаме на некоја наша прослава, дали за роденденот од Лео или за мекиците. Роденденот на Лео е во ризичен период кога е веќе поладно, па решивме да го изнајмиме замокот за мекиците за Томас, Лео беше пресреќен бидејќи секако тој може да ужива во него заедно со неговите другарчиња и братучеди. За луѓето кои стојат позади @zamok.mk имам само пофални зборови: услужливи, професионални, културни, ажурни и едноставно прекрасни. Препорачувам 10/10.

Бидејќи се одлучивме да одиме во таа насока и го договоривме замокот, одлучивме темата на забавата да биде витези и змејови и целото планирање отиде во таа насока. На Пинтерест веднаш пребарав инспирација за оваа тема и морам да кажам дека најпрво ми даваше само резултати за забави со принцези и замоци, меѓутоа кога почнав да барам подлабоко почнаа да излегуваат многу убави идеи и за тематски забави за момчиња. Подолу може да видите споредба на слики од инспирацијата и крајниот резултат.

Кој вели дека момчињата не можат да имаат убави и креативни тематски забави и дека замоците се само за принцези? 🙂

Организацијата не беше воопшто тешка. Чиниите и салфетките со витези и змејови ги нарачав преку @lalilnaatelier, а бидејќи не можев да најдам соодветни кесички за подароци за секое детенце, неколку денови пред да се породам ги направив сама. Важно ми беше да бидат во форма на тврдина со витез и змеј. Видеото како ги изработувам може да го најдете на мојот Инстаграм профил ТУКА, а стикерите за украсување може да ги превземете ТУКА доколку сакате сами да ги направите кесичките за некоја ваша прослава. Круните ги изработив исто така сама, многу едноставно со цртање на формата на жолт хамер и потоа само ги залепив. Чашите и сламките за сок се хартиени и се купени од локален маркет, може да ги најдете било каде, овие беа во златна боја и златни детали.

Двата замоци од иверица на кои има знаменце со името на Томас ги изработи свекор ми и тие планирам да ги искористам подоцна кога ќе ја уредуваме собата на Томас, најверојатно како полици за книги. Знаменцето го нарачав во @preffino_official. Картичките со бомбонче на кои пишува „Добредојде Томас“ ги нарачав кај @littledreamers.mk.

Тоа е тоа, ова е исходот од нашата прекрасна забава по повод раѓањето на Томас. Доколку решите да ги изработите кесичките означете ме на стори или пост на Инстаграм.

Shopping Cart
Scroll to Top