Грижата за моето тело во оваа бременост е многу поинтутивна во споредба со мојата прва бременост – чувствувам помалку страв за дали ќе згрешам нешто и генерално се чувствувам многу повеќе во склад со она што моето тело го бара и што му е потребно. Неверојатно е колку претходните искуства нѐ учат за себеси и за тоа како правилно да се грижиме за сопственото тело, како да го сакаме и почитуваме повеќе, бидејќи тоа не е само наш дом туку дом и на нашите деца во првите 9 месеци од нивните животи. Преблагодарна за ова тело кое може се што замислував, а и не замислував.
Во оваа објава сакам да ги споделам некои од витамините, хранливите материи + ресурсите кои ми служат добро во текот на оваа моја бременост, а и претходно кога се обидував да забременам, па се надевам дека ќе им бидат од помош и на оние од вас кои исто така очекуваат бебе… (или се подготвуваат за тоа)!
Забелешка: секогаш проверувајте со вашиот лекар, одредени работи како магнезиумот се идеални за некои од нас, а помалку идеални за други – во зависност од тоа што му треба на вашето тело и вашето лично здравје.
- Abopholic Meta – метилирана фолна киселина (ги земав пред да забременам и сѐ уште во текот на бременоста).
- Pregnacare plus Omega-3 – пренатални витамини (во првото тримесечје користев Фемибион 1 и кратко во второто тримесечје Фемибион 2, меѓутоа немав добар ефект).
- Dimas Healthy Habit Collagen Peptides – јас го користам говедскиот колаген, има и рибен. Колагенот ми помага околу лигаментите, а овојпат го вклучив поради недостаток на протеини и сувата кожа.
- Eucerin масло против стрии – го користев и во првата бременост и во комбинација со физичката активност придонесе да имам хидрирана и блескава кожа без стрии.
- вода со мед и лимон за намалување на гадење
- дополнителен витамин Ц за заштита од болести
- ленено семе + чиа за правилно варење на храната
Многу сум среќна што за оваа бременост сум дома во Струга бидејќи имам пристап до сите прекрасни домашно произведени и одгледани нешта од страна на моите родители како свежо овошје и зеленчук и домашни јајца. За време на првата бременост живеевме во Скопје, мојот сопруг беше на специјализација, а јас работев од канцеларија и точно е дека и Скопје ни беше дом и исто и тогаш земавме со нас колку што можевме домашно овошје и зеленчук од Струга, меѓутоа тоа не траеше многу долго, брзо се трошеше, а сега можам да го имам тоа во изобилство секојдневно и преблагодарна сум за тоа.
Што се однесува до физичката активност, и овој пат продолжив да вежбам во текот на целата бременост. Потешко ми беше во првото тримесечје кога имав периоди на гадење, меѓутоа и тогаш се трудев редовно да вежбам. Откако се затопли времето почнав и повеќе да пешачам, нешто што ми недостигаше на почетокот од бременоста. Во оваа бременост најчесто практикувам подинамични вежби како пилатес, вежби со рачни тегови и кардио-танц. Јога практикувам веќе 11 години и редовно е дел од мојата рутина, меѓутоа во оваа бременост ја практикувам понередовно од вообичаено, бидејќи чувствував како да ми создава некоја тежина, барем до пред некое време. Секако, кога имам апсолутна потреба за јога тоа ми е изборот на физичка активност за денот.