ФЕМКАСТ: За бременоста и научените лекции

Добредојдовте во една посебна соло епизода на ФЕМКАСТ, посебна бидејќи ќе зборувам за состојбата во која се наоѓам моментално, а тоа е мојата втора бременост. Во оваа епизода ќе го споделам моето искрено мислење за тоа што за мене значи бременоста, како ја доживувам и за научените лекции од првата бременост и како истите ги применувам во оваа бременост. 

Реален разговор и едно непопуларно мислење: не обожавам да бидам бремена.

Повеќето жени на оваа констатација би се ужаснале, бидејќи на прв поглед навистина звучи крајно неблагодарно и лошо. Меѓутоа ако не уживам во процесот на бременост, не значи дека сум неблагодарна за новиот живот и целата таа неверојатна магија во создавањето на тој нов живот. Јас лично тие девет месеци до доаѓањето на моето бебе на свет ги сфаќам како еден период, еден процес, кој е неизбежно да се помине, меѓутоа ако ме прашате дали уживам во него ќе ви кажам дека не уживам посебно многу. 

Бременоста доаѓа со многу предизвици и неверојатни промени низ кои прво жената мора да помине и да се усогласи со нив, а потоа и сите останати членови на семејството, посебно ако се работи за второ или трето дете. Искуството од првата бременост ме научи многу за тоа што да очекувам и како да функционирам во втората бременост, односно да го сфатам целиот овој деветмесечен период со отворен и релаксиран ум без да се оптеретувам за секоја ситница и секоја нова недела. Не само што времето ми поминува многу, многу побрзо од првиот пат туку заклучив и дека уживам многу повеќе во процесот овој пат во споредба со првиот.

Затоа ако и вие се чувствувате вака и се чувствувате лошо да го признаете тоа бидејќи се чувствувате стигматизирано од општеството кое постојано очекува жените да уживаат во бременоста – ве молам не си отежнувајте. Целосно е нормално да не уживате во процесот, туку да ја очекувате крајната дестинација, а тоа е раѓањето на вашето малечко.

Велат дека треба да се ужива во патувањето, а не во дестинацијата, меѓутоа во овој случај јас дефинитивно мислам дека многу повеќе и се радувам на дестинацијата, отколку на патувањето. Тоа е тоа кон што копнеам и на кое му се радувам, периодот и времето кога бебето ќе дојде на свет и времето кое ние ќе го поминуваме со него како семејство и ќе го гледаме како расте. Овие 9 месеци се само патот кој мора да го изодиме.

А, сега малку и за научените лекции од првата бременост.

Во првата бременост ништо не ми беше познато и се ми беше тешко, почнувајќи од првото тримесечје, па се до последното. И исто како што веќе спомнав погоре, тогаш воопшто не уживав во бременоста од многу причини. Најпрво што премалку информации имав за сите промени кои се случуваа во моето тело.
Точно, мајка ми е акушерка и за среќа имав од почеток голема, ако не и огромна, поддршка во врска со се, меѓутоа и тогаш, а и сега се уште постојат некои стигматизации кога станува збор за бременост и текот на истата.
Едно од тие нешта е што бремените жени се уште, на моменти, се третираат како да се болни, а не како нормални луѓе. За среќа моите две бремености се нормални и можам да продолжам да ги извршувам сите мои обврски и активности нормално, меѓутоа со намалено темпо секако.

Тоа што ми пречеше во првата бременост е што јас останав физичка активна во текот на целата бременост, меѓутоа не наидов на одобрување, посебно од страна на докторите. Јас сфаќам дека тоа го прават со најдобра намера, се со цел да ме заштитат мене и плодот, меѓутоа мојата бременост беше целосно нормална, без ризици, а на мене како личност која секој ден активно вежба тоа ми падна многу тешко, да добијам насока за ограничување. Тука ќе кажам дека не бев послушна и си продолжив да вежбам во текот на целата бременост. Мојата докторка не беше среќна, ама на крај прифати кога виде дека немам никакви потешкотии од вежбањето. За втората бременост не ме ни праша дали вежбам, едноставно знаеше и немаше поента да се буни.

Многу е важно да си го познаваме телото и нашите граници за тоа што можеме, а што не. Ако не си го познаваме телото се изложуваме на ризик и тогаш навистина може да си направиме проблем. Меѓутоа во мојот случај јас точно знам до каде ми е границите и точно знам кога треба да одморам од некоја активност, а кога истата ми е потребна. На пример во оваа бременост многу ретко практикувам јога, иако веќе 11 години сум редовен практикувач на истата. Во оваа бременост многу повеќе ми одговараат динамични вежби како кардио-танц, вежби со рачни тегови, пилатес и пешачење. Во минатата бременост тоа не беше така, тогаш повеќе ми одговараше јога и вежби со рачни тегови, а помалку ми требаше пешачење. Разликата е што пред 5 години работев во канцеларија и секој ден излегував од дома и имав една поинаква рутина кога 8 часа од денот ги поминував надвор од дома и пред екран константно, додека сега работам од дома и не поминувам толку време пред екран туку само колку што е потребно да ги завршам моите работни задачи за тој ден.

Кога зборуваме за граници, во првата бременост навистина се уште не знаев ништо и не бев свесна за тоа како правилно да поставам граници во многу делови од мојот живот, вклучувајќи ја и бременоста. Меѓутоа во последниве пет години откако станав мајка за првпат многу работи се сменија во мојот живот, станав похрабра, поодлучна и научив да се почитувам себеси многу повеќе отколку претходно.

Кога гледам наназад сфаќам колку малку сум се ценела себеси, првенствено јас самата, а потоа колку малку ме ценеле и другите. Тука главно зборувам за работното место. Дури и во една состојба како бременост, јас трчав да се докажувам себеси и искрено до ден денешен не можам да сфатам што мислев што си зедов толку многу одговорности и проекти наместо да уживам во состојбата во која бев за првпат во мојот живот. Меѓутоа тоа најверојатно се должи на тој еден страв кој сама си го наметнав на себеси дека морам да се докажам за да ме ценат, кој многу подоцна се докажа како неоправдан бидејќи сфатив дека и онака не ме ценат и нема што да се докажувам на било кој освен на себеси.

Тоа се лекции кои мора да ги научиме за да не ги повторуваме уште еднаш. Стресот кој го доживеав на крајот од првата бременост се одрази врз мене на многу негативен начин, бидејќи како што веќе кажав целиот тој притисок кој си го ставив врз себе за да се докажам ми овозможи да немам време да се спремам за доаѓањето на моето бебе на свет кон крајот на бременоста и да немам време да уживам во самиот процес на промени. Целосно неспремна бев за се што доаѓаше, а тоа беше од мојата неможност да поставам граници, односно од незнаење за тоа како да ги поставам границите. Многу жалам што дозволив така да ми заврши првата бременост, меѓутоа да не се случеше тоа немаше да научам многу работи првенствено за себе, како да поставам граници во многу делови од мојот живот вклучувајќи ја и работата и немаше да научам како да се грижам за себе, бидејќи здравите граници се најголемата грижа за себе.

Темата за поставувањето граници е навистина голема и опширна и можам многу долго да зборувам за неа, бидејќи тоа влијае врз сите аспекти од нашите животи, меѓутоа лекцијата која ја научив во првата бременост и потоа во мајчинството дефинитивно ме поттикна да научам да поставам граници на потешкиот начин. 

Затоа, во втората бременост уште кога почнавме да планираме за второ дете со сопругот, јас одлучив да ги поставам основите за тоа каква бременост сакам да имам. Од тука излезе и одлуката да го намалам темпото на работа во БЕБЕБОКС, бидејќи мене продавницата не ми е примарна работа туку дополнителна занимација, вработена сум со полно редовно работно време во софтверска фирма каде ја работам мојата примарна професија како инженер по UI/UX и јас уште тогаш проценив дека ќе морам да го намалам темпото на живот и работа за да може да имам послободна и порелаксирана бременост од првата. Откажувањето од мојот бизнис е всушност една свесна жртва која јас ја направив за да немам стрес и да можам да уживам во овој период. Поучена од првата бременост, кога само на работното место во кое работев тогаш си зедов премногу одговорности, значи тогаш немав сопствен бизнис и сеќавајќи се како тоа ми влијаеше целокупно врз мене ме натера да поставам граници и да ја донесам таа одлука за мое добро, доброто на моето прво дете и целото мое мало семејство, а најмногу и за бебето кое го носам. 

Искрено малку ми беше досадно и чудно на почетокот кога го намалив обемот на работа во БЕБЕБОКС, ама тоа го прифатив лесно кога почнаа мачнините во првото тримесечје и сите тие предизвици и тежини. БЕБЕБОКС ме научи на многу работи и среќна сум што постои како фирма, сега како продавница постои интегрирана во мојот личен вебсајт, меѓутоа исто така сум среќна што искуството ме научи да препознаам кога е време за доста и пауза.

За оваа бременост одлучив последниот месец од бременоста да си го земам целосно слободен од сите работни обврски и да се посветам целосно да подготвки за доаѓање на моето малечко на свет, опуштено и во пријатна атмосфера без никакви дистракции. Среќна сум и благодарна што ја имам таа опција, благодарение на деновите за одмор кои ми следуваат. Брзањето и стресот во првата бременост ми предизвикаа грчеви на мускулите на рацете, што е многу ретка појава дури и во бременост, бидејќи знаеме дека се појавуваат грчеви на нозете, но ретко кога на рацете. Тоа ми предизвика огромна непријатност, огромен стрес, нервоза и страв, а најмногу и траума. Овојпат се надевам дека моите нови методи кои ги применувам дури и пред почетокот на бременоста ќе вродат плод и дека нема да го имам истото искуство.
Овој пат исто така се надевам дека ќе можам многу повеќе да уживам и во првиот месец-месец и половина од постпородилниот период, бидејќи после првата бременост уживав навистина премалце.

Доаѓањето на моето прво дете на свет ме научи да се ценам себеси, да научам дека нема потреба да му се докажувам на никого освен на себеси, а најмногу ме научи да се борам за себе и за тоа што заслужувам.

Како мајка на машко дете јас морав да станам жената која отсекогаш сакав да бидам: силна, моќна и независна, за да му покажам на мојот син какви можат и какви треба да бидат жените. Затоа што силните жени израснуваат силни мажи кои ги почитуваат и ценат жените.
Јас станав најдобрата верзија од себе кога научив да се ценам себеси, кога поставив здрави граници кон работата и кога сфатив што точно јас очекувам од себе, а не другите.

Што се однесува до подготвки од типот на купување на работи за бебето, морам да кажам дека сум пресреќна што сега, за мојата втора бременост, имам многу поголем избор за се што ми е потребно, нешто што не беше случај пред пет години кога се трудев да најдам работи кои ги имаше во други земји, сум ги гледала на пинтерест, меѓутоа кај нас не беа достапни и за жал морав да се задоволам со тоа што во тој момент беше достапно. Од ова незадоволство настана БЕБЕБОКС, ама за среќа во последниве две години посебно се изродија еден куп нови бизниси кои ни овозможуваат еден навистина богат и ценовно достапен асортиман на преслатки и преубави работи за бебе.
90% од опремата која ја користевме за нашиот прв син е истрошена и искористена, бидејќи сепак поминаа пет години и мислам дека максимумот го извадивме од многу од тие работи, на пример како креветчето, количката и столчето за јадење кои беа максимално искористени и веќе се неупотребливи и мора да купуваме нови. За среќа, повторно ќе кажам, денес има многу опции и голем избор и веќе неколку месеци наназад имам одбрано тоа што ми се допаѓа.
Верувам дека да беа моите две бремености со помала разлика помеѓу, наместо пет години, голем дел од работите ќе беа искористени и за второто дете, меѓутоа за некој дел од опремата навистина мора да се инвестира во ново. Од алишта дефинитивно ќе користам зачувани алишта од моето прво дете, кои морам да кажам дека ги користеше и сестра ми минатата година кога и таа го доби нејзиното прво дете. Некои од алиштата кои ги носеше Лео се покажаа како навистина квалитетни што е зачудувачки и за мене бидејќи помина поголем период, меѓутоа квалитетот е видлив дефинитивно.

Моите две деца ќе бидат со поголема разлика меѓу нив и честопати добивам прашања, па дури и констатации во врска со разликата, меѓутоа јас не сум воопшто загрижена за тоа. Всушност многу сум среќна што син ми е сега поголем и го разбира тој процес на доаѓањето на нов член во семејството и оттука верувам дека транзицијата од едно на две деца нема да биде тешка ниту за нас како родители, ниту за него како поголем брат. Нашата врска со него е силна и знам дека нема да почувствува никакво помало внимание, бидејќи ние ќе се потрудиме да биде вклучен во секој дел од процесот и да учествува, бидејќи децата се љубопитни суштества и ако промените им ги објаснеме со љубов и разбирање тогаш поттикнуваме создавање на трпение од нивна страна и намалување на испади. Затоа што како што промената е голема за родителите, уште поголема е за првото дете кое сега мора да научи да дели нешто повеќе од играчки, а тоа се мама и тато.

Јас сум растела во големо семејство, јас сум прво дете всушност, имам две помали сестри, а мојот сопруг е единец. Како прво дете секогаш ќе имам посебна поврзаност и чувство за емпатија кон моето прво дете, бидејќи ја знам тежината и одговорноста која доаѓа со тоа да се биде прво дете. Познавајќи се себеси, а и мојот син, знам дека ќе биде одличен голем брат и дека едвај чека да се роди бебето. Минатата година имаше показна вежба кога си доби прв братучед и од единствено дете од двете страни на семејството, мораше да дели внимание, но тестот успешно го положи. Се разбира ова е поинаква ситуација кога бебето доаѓа во нашиот дом, меѓутоа јас знам дека моето дете е најемпатичното мало суштество кое постои и верувам дека само ќе сака да учествува во целото тоа внимание кон новиот член на нашето семејство, бидејќи тоа му е во карактерот. Не го оптеретуваме премногу со бебето, оставаме сам да поставува прашања кога сака, односно не го подготвуваме посебно, ниту пак јас се подготвувам некако посебно. Мислам дека тоа што сум растела во големо семејство и што сум прво дете доволно ме има подготвено за да можам да се справам со две деца. Всушност, како и многумина други мислам дека транзицијата од прво на второ дете е многу, мноооогу полесна отколку од ниедно на едно.  

Како заклучок на овој монолог можам да кажам дека одлуката за второ, трето и секое наредно дете (доколку се има желба секако) треба да дојде заеднички од двата партнери, ама најмногу одлуката треба да ја донесе жената кога таа се чувствува повторно подготвена за една таква жртва би ја нарекла. Бидејќи секој кој ќе каже дека бременоста не е жртва, верувајте дека ве лаже. Тоа не е само жртва на жената за физичкиот изглед, туку и една ментална, психичка жртва која бара голема подготвеност жената да се носи со сите предизвици кои ги носи бременоста и постпородилниот период. Затоа е многу важно отворено да се разговара со партнерот за да се донесе таа одлука од повеќе аспекти: финансиски и животен. Секоја бременост не го трансформира само семејството туку и самата жена која го носи тоа дете или деца на свет и јас мислам дека нема ништо  повоодушевувачки од тоа. Жените се навистина фантастични и неверојатно силни суштества. 

Едвај чекам да видам што ќе ме научи оваа бременост и како тоа ќе влијае врз мене.

Доколку ви се допадна епизодата ве чекам на мојот Инстаграм профил со коментар каде што ќе ја продолжиме дискусијата.

За да ја преслушате целата епизода, кликнете на копчето PLAY подолу:

Shopping Cart
Scroll to Top