Честопати кога гледам или слушам други успешни жени како зборуваат за навиките или рутините кои им го променале животот, доаѓам до истиот заклучок: сите применуваат организација на денот. И тоа часовна организација. Секој дел од денот им е испланиран и точно знаат каде го трошат времето и колку слободно време им останува за себе или за семејството.
Јас цврсто верувам во добра организација, добра утринска рутина и цврста дисциплина. Не постои ништо поважно од овие три нешта за секој ден да ви биде добро организиран и успешен. Мислете на тоа како рутината на едно дете: ако му се поремети барем само еден дел од рутината паѓа во вода целиот негов ден, а со тоа и вашиот. Јас од неодамна почнав часовно да го организирам денот и верувам дека имам многу придобивки од тоа. Со мало дете е малку потешко тоа да се постигне, но доколку детето исто така има термин на излегување и враќање во домот (градинка, престој кај баба) тогаш и тоа како е возможно.
Денес со вас споделувам еден бесплатен темплејт за организаија на време кој може да си го испечатите и да го користите за организација на вашиот ден и обврски и тоа оди некако вака:
- Следете го секој час од вашиот ден. Запишувајте се, почнувајќи со времето за правење кафе до посветување и фокусирање на работните обврски. Многу лесно може да изгубиме контрола врз тоа што го правиме во моментот и да заборавиме до каде сме со денот или работата. Кога ќе почнете да го пратите времето кое го трошите во текот на денот, веднаш ќе станете попродуктивни и поефикасни од претходно, бидејќи верувам дека никој не сака да напише: „Потрошив 3 часа бесцелно скролајќи на Инстаграм.“.
- Поставете си цел за секој ден. Направете една утринска рутина кон која ќе се придржувате редовно и без никакви отстапувања. Утринската рутина ќе ви помогне да го дефинирате изгледот и текот на вашиот ден.
- Поставете јасни граници. Ако еднаш го испланирате вашиот ден и имате замисла како истиот ќе тече, тогаш е многу полесно да им кажете не на сите пречки и одвлекувања на вниманието кои може да настанат додека работате.
Ви ветувам дека доколку успеете да се придржувате до овие три нешта и доколку редовно го планирате вашиот ден, тогаш нема сомнеж дека ќе постанете мајстор во организација и продуктивност.
Бесплатниот прирачник може да си го превземете подолу, достапен е како ПДФ фајл.