Со огромно задоволство ја прифатив поканата од Ivanov School of Leaders – Alumni Association (ISLAA) за учество како панелистка на нивниот настан во рамките на Global Entrepreneurship Week Macedonia 2021 на темата посветена на жените во претприемништвото – “Млади, успешни, амбициозни жени претприемачи и нивните совети за успех”.
Со моите соговорнички имавме плодна дискусија за тоа како секоја од нас реши да се впушти во водите на претприемништвото и што е тоа што не мотивира да продолжиме напред. Како што веќе напоменав во објавата по повод едногодишното постоење на мојот мал бизнис, тука, инспирирана од син ми, како и недостапноста на модерни и естетски убави бебешки производи во Македонија се роди идејата за BEBEBOX во 2019 година, а продавницата почна со работа на 26.10.2020 година – првиот роденден на Леонтиј. Голема помош ми беше моето примарно образование и професија во создавањето на платформата за продажба на производите односно е-комерц вебсајтот.
Понатаму дискусијата се разви за перцепцијата од околината во смисла на тоа дали некогаш сме се соочиле со проблеми и предрасуди затоа што доаѓаме од малите места, односно од внатрешноста. Јас нагласив дека кога се работи за мојот мал бизнис не сум се соочила со таков вид на предрасуди, тоа повеќе преовладувало во мојата професија и во други аспекти од мојот живот.

Во однос на започнување на мал бизнис мојата перцепција е дека доколку веќе немаш некое “име” направено од себе или доколку немаш било чие “име” да стои зад тебе, посебно во дигиталниот свет дека луѓето потешко го прифаќаат тоа што имаш да го понудиш. Во смисла дека само на тие кои животот го презентираат јавно, да речеме инфлуенсери, им е судено да започнат сопствен бизнис и да успеат во тоа. Тоа е теза која се провлекува сеуште и тоа не само кај нас. Јас сум доказ дека тоа не е така, посебно за бизнис како мојот. Од нула создадов кула, без притоа јавно да го експонирам мојот живот или моето дете за реклама на мојот бизнис. И со овој дел од мојата приказна сакам да ги охрабрам на што е можно повеќе луѓе, посебно млади жени и девојки да не се плашат и ако имаат некоја идеја и замисла за бизнис да се охрабрат истата да ја исполнат.

Пречките за жените во било која професија, вклучувајќи го и претприемништвото се универзални, односно глобални. Предизвиците се такви што жените се уште немаат доволно храброст да започнат сопствен бизнис или да побараат унапредување или повисока плата поради тоа што мислат дека нема да успеат или ќе бидат одбиени. Тоа се должи на многу фактори, но главната причина е потиснувањето на способностите на жената уште од најрана возраст, да кажам од детство, кога девојчињата ги учиме да бидат фини, мили и културни, наместо амбициозни, силни и моќни.
Може многу да разговараме на оваа тема, бидејќи е навистина долга, но главната поента е дека треба да го надминеме тој момент на страв, да се осмелиме да излеземе од комфорната зона, да скокнеме во непознатото и едноставно да започнеме со исполнување на нашиот сон.

Уште еден проблем кој би го додала тука е неможноста да се обезбедат финансиски средства, но јас би рекла дека денес имаме многу опции за промоција на бизнисот кои не се скапи – социјални медиуми, проширување на мрежата со контакти итн. Имаме страв дека инвестицијата ќе ни биде залудна. Но, еднаш мораме тој страв да го надминеме. Јас мојот бизнис го започнав со инвестиција од 6000 денари. Понекогаш е потребно малце за да се започне многу.
Би сакала да им порачам на младите девојки и жени да не се плашат. Да заборавиме на совршенството и да бидеме храбри, затоа што храброста и вербата во себе отвораат врати и создаваат можности. Да не се откажуваат при првите препреки, затоа што тестови ќе има многу, но важно е да веруваме во себе и во својата идеја, во своите квалификации и способности и да продолжиме напред. Поддршката ќе дојде штом квалитетот биде препознат.

Дискусијата беше проследена со интересни прашања од публиката. Им благодарам на сите кои присуствуваа. Мојата цел е да бидам поттикнувач и охрабрувач со мојата приказна на сите оние кои имаат идеја и имаат сон за создавање на сопствен мал бизнис, затоа што мислам дека сите можеме да успееме доколку имаме верба во себе и храброст да започнеме.
Сакам да се заблагодарам уште еднаш на ИСЛАА за поканата. Се гледаме повторно на други настани во иднина.