Минатиот декември, нашиот новогодишен календар беше во форма на новогодишно панорамско тркало. 🎡

Идејата ми дојде случајно кога размислував каков календар да му направам на син ми, па се сетив дека имаме стар велосипед кај моите дома и дека може да го искористиме тркалото за оваа намена.

Овој проект беше изработен тимски: татко ми го исчисти и го исфарба во црвено со спреј. Потоа основата ја направи свекор ми од иверица, а јас ги додадов светилките и корпите како држачи за подароците. За жал немам фотографии кои го прикажуваат процесот чекор по чекор, но многу е едноставно за изработка. Ако немате можност да ја изработите основата од иверица или лесонит, може да искористите основа од самиот велосипед.

На тркалото намерно не поставив бројки за да му биде поинтересно одбирањето на подароци со вртење на истото. Корпите се состојат од минијатурни играчки (автомобили и фигури од цртани филмови како Тролс, Spider-Man, итн.) и мали слатки задоволства со новогодишни мотиви. 🎁🎄

Многу забавен проект за мене, посебно затоа што е изработен со многу љубов за син ми. 🤍




