ФЕМКАСТ: Време е за лето

Здраво на сите и добредојдовте во последната епизода на ФЕМКАСТ за оваа сезона. Денес немам гостинка, оваа епизода ќе биде многу кратка, можеби најкратката досега и ќе служи како една одјава пред летен одмор.

Многу сум среќна што решив да ја снимам втората сезона на ФЕМКАСТ, бидејќи претходно повеќе од 6 месеци немав никаква мотивација ниту инспирација за тоа и се радувам што најголем дел од епизодите беа со гостинки. Добив многу позитивни коментари скоро за секоја епизода од оваа сезона и многу се радувам што секоја гостинка делувала инспиративно на многумина од тие кои го слушаа подкастот.

Целта ми е да прикажам дека во Македонија имаме многу успешни жени во сите области, посебно од младата популација (под млада мислам на жени и девојки на возраст од 22 – 45 години) и дека од сите нив може да научиме нешто ново или да добиеме некаква инспирација која во моментот ни е потребна.

Минатата година, после еден исклучително тежок период во мојот живот, научив дека најважно е да се постават цврсти лични граници за тоа колку можеме и смееме да прифатиме во форма на работа и дека е важно хобито да не премине во работна обврска бидејќи тогаш се губи жарот. Најважно е да знаеме кога е време да се одмориме и да застанеме за да ги наполниме батериите за нови возбудливи предизвици. Затоа, оваа година се што правам се трудам да биде без стрес и без притисок, бидејќи јас не сум личност која цвета под притисок и повеќе нема никогаш да работам нешто ако истото се состои од притисоци, дали е тоа работа или хоби. Затоа, фокус, одмор, фокус, одмор – ова е шемата која јас ја следам од минатата година и која ја препорачувам на сите. Бидејќи одморен и среќен ум и тело, со фокус на тоа што е најважно (дали семејство или пријатели или себеси) е тоа што не одржува во живот и ни дава сила за нови нешта.

Во текот на летото ви препорачувам уште еднаш да ги преслушате епизодите, бидејќи знам дека има многу да се научи од секоја од моите гостинки. А, сега се одјавувам, време е за летен одмор, убаво и долго топло лето со најсаканите.

Се слушаме во следната сезона.

За да ја преслушате целата епизода, кликнете на копчето play веднаш до името на епизодата:

[anchor_episodes]

Shopping Cart
Scroll to Top