Приказната за BEBEBOX

@bebebox.mk е мојот најамбициозен личен проект досега, проект кој беше во изработка цела година и половина, од 2019 година.
Јас не сум трпелива личност, всушност можеби сум најнетрпеливата личност на светот, ова посебно важи кога сакам да добијам нешто и тоа го сакам сега и веднаш, па од тука можете да замислите дека процесот на создавање и усовршување на @bebebox.mk за мене беше еден голем предизвик да останам трпелива и да не откријам ништо до крај.

Се започна кога бев бремена со мојот син Леонтиј и кога сфатив дека голем дел од работите кои сакав да му ги купам не се достапни во Македонија и тешко се набавуваат од странство, најчесто затоа што доставата е два пати поскапа од самиот производ. За мене тоа е демотивирачки, бидејќи не ми се плаќа достава поскапа од било кој производ, едноставно не вреди. Така, решив да ги донесам работите кои нас ни беа потребни тука и да им ги понудам и на други мајки, но по далеку поевтини цени од увезените странски модерни бебешки брендови. Почнав од себеси, што е тоа што мене ми се допаѓа и ми е потребно, а да биде и естетски убаво, а го нема во Македонија.

Почнав да работам на е-комерц вебсајтот уште пред да се роди Лео, но имав некои потешкотии кон крајот на бременоста и решив да го ставам на пауза додека се чувствувам подготвена да продолжам. Потоа нели се роди Леонтиј, па влегување во рутина и остана да продолжам со работа на @bebebox.mk кога започна карантинот предизвикан од короната на почетокот од 2020 година. Во тој период ги набавив производите, а сајтот целосно го смислив и изработив во текот на летото додека сеуште бев на продолжено породилно отсуство.

@bebebox.mk официјално започна со работа на 26.10.2020, на првиот роденден на Леонтиј затоа што тој е мојата најголема инспирација за се што правам во животот и е пред се движечката сила на овој наш мал бизнис. Сепак не одеше се подмачкано и по план, промоцијата за жал се одложи до 07.11.2020 бидејќи поминувавме низ тежок период од две недели поради зараза со коронавирус. На крајот се испадна одлично.

Минатата година кога го започнавме бизнисот навистина немавме идеја што правиме и како треба да работиме, бидејќи ниту јас ниту мојот сопруг никогаш не сме се сретнале со таков предизвик наречен мал бизнис или е-комерц трговија. Како што излегуваа предизвиците, така ги надминувавме. Заедно учевме и растевме со бизнисот.
На почетокот немавме ни некое посебно пакување за производите бидејќи имавме многу мал број на производи и не бевме сигурни дали воопшто ќе имаме среќа бизнисот да ни тргне во вистинската насока. Но, со текот на времето го подобривме и пакувањето и брендингот.

Најмногу ме растажуваше тоа што се соочивме со многу осуди и предрасуди и не наидовме на поддршка на почетокот. Голем дел од нападите беа оркестрирани од нефер “конкуренција“, нешто што горко го научивме и се помиривме дека не треба да го земаме при срце најмногу затоа што не се плашевме од никого и не верувавме во конкуренција – и до ден денес не веруваме во конкуренција, мислиме дека има место за сите на пазарот. Најмногу болеше тоа што не обвинуваа дека продаваме небезбедни производи за деца и бебиња без да ја дознаат суштината на постоењето на BEBEBOX, приказната позади бизнисот и колку навистина се квалитетни нашите производи и што е најважно фактот дека ние никогаш свесно не би користеле проиводи кои се небезбедни за нашето сопствено дете. Не е тајна дека за производство на нашите проиводи користиме фабрики во Кина, впрочем како и најголем дел од сите производи кои ги користиме во домаќинството и секојдневното живеење се произведуваат во Кина, но никој не се сомнева во нивната безбедност и функционалност посебно ако станува збор за големи и веќе докажани брендови со долгогодишно искуство зад себе. Интересна ситуација имав и во аптека кога фармацевтката ми нудеше избор помеѓу два производи од кои едниот (според неа) бил германски, а другиот кинески. Да прочитеше малце подобро во упатството ќе знаеше дека двата производи се произведени во Кина и дека двата се подеднакво добри, без разлика што на првиот му пишува дека е германски дизајн. Еден слаткогорчлив момент кој ме потсети на сите маки што ги поминавме со докажување на квалитет на нашиот бизнис.

Сепак, нашиот бренд им пречеше на многу луѓе, мали и големи, најверојатно поради фактот што ние самостојно и без никаква финансиска помош од страна ја започнавме оваа наша приказна. Проблемот беше во тоа што нашиот млад бренд беше мета на сомнеж само поради тоа што беше млад, недокажан и македонски. Да, за жал поднебјето ни е такво каде што никој реално не сака да го види на другиот успешен и напреден – одвратна карактеристика која упорно верувам дека мојата генерација и помладите од мене ќе ја надминат.

Потоа, имаше ситуации и каде добивавме коментари од типот дека нашите производи се само бледа копија на познатите светски брендови, притоа нудејќи ни соработки од секаков тип и откако немаше да ги добијат посакуваните информации за производството почнуваа со ниски навреди. Не би сакала да навлегувам во процесот на производство и набавка на нашите производи, но едно нешто кое ќе го откријам е дека нашите производи се произведуваат во истите фабрики како тие големи светски брендови. Денес веќе постојат мал милион мали бизниси, големи и мали брендови кои продаваат целосно исти или слични производи како нашите низ целиот свет – но, дека нашиот мал бренд е нечија копија, тоа никогаш нема да го прифатам. Тоа посебно не важи за Македонија: BEBEBOX беше и сеуште е првиот македонски бренд за производи изработени од силиконски материјал за храна што не прави токму нас целосно оригинални.

Последната работа која ме разочарува до денес е потценувањето на мене и мојата личност, мојата способност, моето образование и залагање за мојот бизнис само поради тоа што потекнувам од мало место (Струга), а не од главниот град. Мојата способност е само моја и лична и јас лично знам колку вредам и тежам, но исто така знам дека ако немав неколку години работно искуство зад мене во професијата во која работам (веб/UI/UX дизајнер), сигурна сум дека немаше да можам да си дозволам да започнам успешен е-комерц бизнис, ниту пак да ја имам храброста да се соочам со сите предизвици со кои се соочив. За жал некои продолжуваат и до денес, посебно од оние кои постојано бараат и земаат, а не знаат да возвратат на покажана почит и чест. За моето образование нема да коментирам, бидејќи секој паметен и упатен може без проблем да ме побара на социјалната мрежа LinkedIn и да ја прочита мојата работна биографија – ова се јавно достапни податоци за тие кои знаат како да ги најдат.


Најлошото нешто? Сите овие коментари, осуди, навреди и предрасуди доаѓаа од жени. Да бидеме подобри мои дами, без разлика кои сте, какви сте, колку имате и од каде потекнувате. Бидете подобри.

Како што минуваше времето, полека, почнаа да доаѓаат поголем број на потрошувачи и клиенти кои го препознаа нашиот квалитет и ни ја дадоа нивната доверба. Луѓето видоа дека производите се со фантастичен квалитет и дека се со многу пристапни цени во споредба со останатите слични брендови. Во Април 2021 најдовме партнер и поддршка и во Мала Пажња и тие ни помогнаа да ги пласираме нашите производи и на физички локации во Скопје и за тоа сме им многу благодарни.

Сеуште имаме многу да учиме за како да го развиваме бизнисот понатаму, сеуште сме мали и немоќни во споредба со други слични брендови кои работаат и оперираат во Македонија и кои морам да нагласам дека започнаа со продажба на ваков тип на производи инспирани од нас и благодарение на нас; ние сеуште сами се финансираме и опстојуваме храбро и гордо. Би сакале во иднина да имаме и сопствена физичка продавница, но за една година постоење и сите перипетии кои ги доживеавме сме дури и повеќе од благодарни за BEBEBOX и овој момент.

Овој прв роденден е многу значаен за нас бидејќи оваа прва година се соочивме со многу препреки и непријатни ситуации, но сепак успеавме да се издигнеме над тоа и дочекавме да прославиме една година постоење. Благодарни сме на сите кои не поддржуваа и сеуште не поддржуваат во исполнување на овој наш мал, голем, сон.

Shopping Cart
Scroll to Top