Дигитални граници, безбедност и писменост – заедничка одговорност на возрасните и децата

Во моето неодамнешно гостување на Алфа Телевизија зборував за тема што ме засега и професионално и лично – како да поставиме здрави дигитални граници за децата и возрасните, што значи вистинска дигитална писменост, како да се заштитиме од онлајн радикализација и токсични интернет заедници и зошто токму родителите мора да бидат првите пример за одговорно дигитално однесување.

Сведоци сме дека социјалните мрежи се најмоќната алатка за информирање и комуникација, но истовремено и простор каде дезинформациите, манипулациите и штетните содржини се шират со неверојатна брзина. Последните случувања кај нас уште еднаш го покажаа тоа: во моменти на тага и шок, многумина споделуваа шпекулации и непроверени вести наместо да се потпрат на проверени извори. Тоа создава паника и хаос, а возрасните – кои треба да бидат пример за критичко размислување – често се најголемите „пренесувачи“ на вакви содржини.

Затоа секогаш нагласувам: пред да ги едуцираме децата, мораме да ги едуцираме возрасните. Дигиталната писменост не е само знаење како да користиме мобилен или компјутер, туку способност критички да размислуваме за информациите што ги консумираме, да препознаеме дезинформации, манипулации и да се заштитиме во дигиталниот простор.

Возрасните први треба да бидат дигитално писмени

Родителите и наставниците имаат површно разбирање на дигиталниот свет, базирано на сопственото искуство кое е сосема различно од она на денешните деца. Често се фокусираат на надворешни опасности – сајбер-булинг или контакт со непознати – а пропуштаат посуптилни ризици како алгоритмите, ехо-коморите, дезинформациите и психолошките ефекти од континуирана изложеност.

Од друга страна, децата, иако растат во дигитално опкружување, не секогаш знаат да се заштитат или критички да размислуваат. Токму затоа јасно поставени граници и активна родителска улога се клучни.

Во емисијата „За или Против“ на Алфа Телевизија, споделив и за мојата иницијатива „Детство без смартфони“ – поттик за родителите, наставниците и Министерството за образование да се обединат за доброто на децата, со цел да се воведат политики и практики како ограничување на употребата на смартфони за време на часови, обучување на наставниците за дигитална писменост и поддршка за родителите.

Дигиталната дадилка – скриен ризик

Еден од најчестите проблеми што ги забележувам е „дигиталната дадилка“ – кога телефонот или таблетот стануваат главен метод за смирување на детето. Оваа практика на прв поглед изгледа практична, но носи сериозни ризици за когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој. Децата што рано и неконтролирано се изложени на екрани имаат потешкотии со концентрацијата, социјалните интеракции и саморегулацијата.

Затоа родителите мора да постават јасни граници:

  • Времетраење – ограничување на времето пред екран според возраста (на пр. СЗО препорачува за деца под 2 години да нема екрани, а за 2–5 годишни максимум еден час дневно).
  • Време во денот – одредени периоди кога не се користат уреди (за време на оброци, пред спиење, семејни активности).
  • Содржина – внимателен избор на видеа, игри и апликации.

Но, поставувањето правила не треба да биде авторитарно. Најдобро функционира кога децата се вклучени во креирањето на правилата и разбираат зошто тие се важни.

Квалитетна содржина и родителски пример

Не е доволно само да го ограничиме времето пред екран – важно е да се обезбеди квалитетна содржина. Родителите треба активно да избираат апликации, видеа и игри и да ги користат заедно со детето, разговарајќи и истражувајќи нови теми. Најдобриот начин да ги научиме децата е преку пример: балансирана употреба на технологија, создавање моменти без екрани и градење реални интеракции.

Во моето гостување споделив конкретни препораки за анимирана содржина според возраст, како и совети кога и како да се воведуваат уреди од типот на компјутери и лаптопи – секогаш со родителска контрола и едукативна цел.

Онлајн радикализацијата – невидливата опасност

Радикализацијата преку интернет е сериозен проблем за кој ретко се зборува. Родителите треба да знаат со какви групи комуницираат нивните деца и да разговараат за потенцијалните опасности. Во емисијата нагласив неколку клучни чекори:

  • Отворена комуникација и доверба.
  • Едукација за онлајн безбедност.
  • Поставување граници за користење уреди и апликации.
  • Вклучување во дигиталниот свет на детето.
  • Барање стручна помош ако се забележат промени во однесувањето.

Токсичните интернет заедници и улогата на родителите

Го споменав и документарецот „Адолесценција“ на Netflix, кој многу јасно покажува како токсичните онлајн заедници влијаат врз младите. Социјалните мрежи не се само простор за забава – тие се место каде младите бараат идентитет, припаѓање и потврда, а алгоритмите ги водат кон содржини што предизвикуваат силни емоции. Ова доведува до зголемен притисок, анксиозност, па дури и самодеструктивно однесување.

Најважната порака е улогата на родителите – да бидат активно присутни, да комуницираат, да ги разберат предизвиците, наместо само да контролираат или казнуваат. Технологијата не е непријателот – непријател е некритичката и неконтролирана употреба без поддршка и водство.

Заклучок

Интернетот има огромна моќ, но само ако знаеме како правилно да го користиме. Ако сакаме да ги заштитиме децата и младите, најпрво возрасните треба да станат дигитално писмени. Со поставување здрави граници, избор на квалитетна содржина и отворена комуникација, можеме да создадеме дигитална средина во која децата ќе растат безбедно, одговорно и поддржано.

Во прилог, целата емисија:

Shopping Cart
Scroll to Top